Home / Култура / IN MEMORIAM: Избор поезија од Трајанка Блажевска

IN MEMORIAM: Избор поезија од Трајанка Блажевска

Трајанка Блажевска е родена 15 мај 1974 година во Скопје, а почина на 11 октомври 2016 година како една од штитениците при заводот за рехабилитација „Бања Банско“, Струмица. Автор е на збирките поезија „Од мојата душа“, „Изворот на копнежите“ и „Носталгија“.

тања1

Трајанка Блажевска постапно и доживеано, во целост го обработуваше и пресликуваше животот како нешто што ни е судбински предодредено, а во многу нешта дури и свирепо натурено, најмалку по наш избор и вина. Она што го заслужува нашето внимание во поезијата на Блажевска беше прикриениот оптимизам дека нема повлекување од животот дури и тогаш кога тој треба да се прифати со неговата неменливост.

Таа пишуваше носталгично по минливоста што во одреден дел од животот ни се случува, како што се детството и семејниот живот во родниот крај, со сите оние спомени кои колку и да настојуваше, не можеше да ги заборави.

„Моите песни им ги посветувам на лицата со посебни потреби. Најмногу пишувам за љубовта, но и за сето она што значи радост, недостижна во животот на нас инвалидите. Токму затоа, стиховите се лек за мојата душа“ – во една прилика изјави Трајанка Блажевска за нејзината поезија.

Солзи

Tи плачеш ?
Солзите паѓаат
го наросуваат твоето лице.
Како ситен дождец
што ја натопува црната земја.
Тажно е,
но ти немој,
насмеј се
избриши ги солзите,
крени ја главата високо,
бори се,
не потклекнувај…

Спомени

Помина многу време,
но, спомените…
Длабоко се врежани во нас.
Не потсетуваат на тој далечен крај,
на таа трошна куќа.
Но, бевме среќни,
тоа беше наше гнездо.
Го напуштивме,
одлетавме како птици -
секој со својата судбина.
Но, спомените
остануваат во нас
каде и да сме.

Суровост

Дојде од далеку, во непознат крај
слета како птица,
како феникс од пепелта изникна
и сви гнездо свое.

Беше стожер во старата трошна куќа.
Горда на својот род, цврста ко камен
ги издржа сите болки и страдања
кои сѐ повеќе се натрупуваа на твоите плеќи.

Тивко нечујно одминуваше твојот живот.
Сѐ уште млада и кога најмногу ни требаше
суровоста на судбината те оддели од нас,
не остави да тагуваме по тебе.
Ние гордо продолживме
да го следиме твоето дело,
а во нас остана да живее
твојот дух и ведрина.

Животно скалило

Животот е како кула од карти,
паѓа една се руши сѐ!

Секој ден е непредвидлив,
многу скали,
ги искачуваш со тешки маки,
но, ако се тешки,
се качуваш,
не се предаваш, иташ напред
- среќата е на дофат.

Ти даваат поткрепа,
со насмевка мораш, напред
да ги пребродиш сите маки,
но, наеднаш
се менува сѐ:
препреки, замки, искушенија,
безизлезна ситуација…
Сите твои соништа,
пропаѓаат,
повторно се исправаш,
ти сепак се бориш
со сите сили!

Пак продолжуваш напред,
да грабиш скала по скала
ете – среќата е на дофат.

Старец

Седнал под тоа,
остарено дрво,
пее чиниш, а плаче.
Плаче за својата младост,
фрлена во туѓина мачна,
по туѓи дворови
отишол млад, незрел, нежен…
Кревок како млада фиданка,
а сега што вратил со себе?

Само збрчканото чело
и спомените
што мира не му даваат.
На секој дел
од ова место,
дрвото остарено,
се сеќава на нежна фиданка
и детските лудории.

Но, залудно е сѐ,
помина сѐ – не се враќа!

Save

Save

Save

Нешто пораzлично од градот...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top