Home / Култура / Осврт кон изложбата „Пресек“ на здружението „Транзен“

Осврт кон изложбата „Пресек“ на здружението „Транзен“

Здружението за култура и развој на креативни индустрии„Транзен“ на голема врата ни ги носи најдобрите настани од областа на ликовната уметност во последните десетина години во градот. Започнаа со самостојната изложба „Илуминирани книги“ на Никола Пијанманов, за да бидат домаќини на интернационалната патувачка изложба „Рудници на културата“, па преку изложбата на старите и исклучително важни ликовни уметници од минатиот век од Струмица „Сеќавање на една уметност“, како и самостојните изложби на Даниела Стоилкова и Тимчо Гаврилов во Босилово, како и сите останати проекти и активности да ја донесат пред очите на јавноста поставката на можеби четворицата највлијателни и најуспешни “млади“ струмички ликовни уметници и важни автори за нашата територија.

Изложба „Пресек“

Изложба „Пресек“

За изложбата „Пресек“ ќе се говори уште долго, несомнено заради тоа што државните институции за култура нудат слаба програма во текот на целата година, а „Транзен“ донесе нов ветер помеѓу љубителите на ликовната уметност во градот.

Би можело да се пишува на долж и широко за тоа колку е важно да имаме културна програма која ги исполнува сите аспекти и сетила на задоволство, особено затоа што и како цело недостасуваат осврти (афирмативни и/ или критички) во нашата држава, па ваквите настани се дополнителен мотив да се подигнат некои заборавени начини на размислување и комуникација. Изложбата „Пресек“ ни понуди медовина од исполнување, реткост е да се соберат на едно место толку посетители кои уживаа во секое дело поединечно. На едно место луѓе од сите генерации си ја исполнија душата со делата на Љупка Галазка Василев, Марјан Ѕингаров, Никола Пијанманов и Ване Костуранов.

Уште во деведесетите години на минатиот век, кога ја започнуваа својата кариера како ликовни уметници, со нивните дела и со нивниот активистички, урбан пристап на дејствување, како сосема нов бран на активно вклучување во заедницата, тие оставија силен впечаток во јавноста. Нивната уникатност, разноликост, авторска препознатливост уште тогаш пленеше со силен израз, со автентичност која и години подоцна, како развиена магма ги растопи ѕидовите на НУ Музеј на град Струмица.

За делата на Љупка Галазка Василев, единствената жена меѓу уметниците кои се претставија на изложбата „Пресек“ можеме да говориме многу. Нејзиниот колорит е впечатлив, текстурата која ја создава и комбинираната техника и материјали создаваат чувство на топлина, на нежност, блага импресија во одлична хармонија со самата себе, но и со светот кој го проектира. Замагленоста (концептот на blur) и гличот (glitch) ги прават нејзините дела препознатливи, скриените пораки од исечоци од полски весници и книги ги надополнуваат со одредена доза на мистичниот, додека преработената хартија го прави релјефот дополнително примамлив, надополнувајќи ги ткаенините кои ги инкорпорира за да ја создаде авторската целина, сосема природна и смирена.

Марјан Ѕин е одлично освежување со неговото повторно враќање на платното. Речиси со истиот манир со кој се претстави како млад ликовен уметник пред повеќе од една декада, со истиот кафеав колорид кој доминира во неговите дела, за оние кои ја препознаваат неговата работа, како да се вратил да го доврши тој започнат циклус пред многу години, но овој пат со идеја и концепт искристализирани до совршенство. Во неговите дела се чувствува најмногу духовното, симболиката и пристапот со кој графички ја централизира композицијата навестуваат за еден внатрешен, црковен, византиски мир. Со влијанието од неговата професионална окупација како графички дизајнер , неговиот израз на сликање го дефинира речиси по ист начин. Кај него може да се препознаат слоевите на работа, како векторски пристапува на темата, раслојувањето на елементите кои ја возвишуваат исконската иконографија, но во еден целосно нов, современ пристап.

Никола Пијанманов плени со неговите дела. Тој е уметник за кого треба посебно место во историјата на ликовната уметност. Неговите платна се историски, култни. Жарат директно во суштината на битието, на постоењето. Космичко исполнување се разлева пред очите на набљудувачот. Една неповторлива трансцедентност ги исполнува неговите платна, играта на боите кај овој ликовен уметник е магична, потсетува на ликовната уметност на големите веле-мајстори, што е несомнен доказ дека испишува приказна, која во функција на потсетник ја игра улогата на гласник за постоењето на Светото Царство. На големината која се крие отаде духот, на љубовта која тлее во секој од нас и која секогаш го полева со благодет оној кој решил да се нурне во неговото творештво. Исклучително искрен, но и длабоко храбар, жесток ликовен израз.

Ване Костуранов, иако последен во мојот осврт, е на исто ниво важен како и претходните тројца автори. Можеби за разлика од другите тој зазема посебно место на ликовната сцена, не само во Струмица или Македонија, туку и на светско ниво. Дизајнерскиот модел на формирање на композиција во неговите дела дава посебен шмек. Со концептот и формата на илустрирање на еден, можеби детски сон, на една бајковидна приказна, неговите дела имаат функција да те развеселат, да те исполнат со една неповторлива ментална и духовна разиграност, со убавина која останува врежана во сеќавањето. Во најкратка дефиниција, платната на Ване Костуранов, ни повеќе, ни помалку се љубов. Да, доколку имате недостаток од љубов, дијагнозата за Вас би требало да бидат делата од овој авангарден струмичанец за кого допрва останува да очекуваме нови циклуси, нови дела кои ќе ја променат свесноста на светот. Пораката која ја испраќа авторот е глобална, хуманистичка и човечна, да бидеме весели, и да направиме некој среќен, тој создава поетика, нуди радост и метафизичко исполнување, во секоја смисла.

Честитки за организаторите, здружението „Транзен“ и до сите автори поединечно. Со оваа изложба направивте Струмица повторно да се издигне од сивилото, во културолошки контекст, направивте повторно со исполнето срцебиење да заитаме на отворање на изложба и со гордост да кажеме, ДА, ги знаеме овие луѓе, овие струмичани кои се наши пријатели и амбасадори на градот и државата.

Ви благодарам!

Save

Save

Save

Save

About admin

Митко Гогов aka kihuPotru - концептуален уметник, поет и граѓански активист. Уредник и автор @reper.net.mk @think.mk & @zenica.mk, претседател на Здружението Контекст.   Блогер, отворен за соработка #culture #art #media [fb] [twitter] [LinkedIn]

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top