Home / Култура / Џек Керуак – поет на Бит генерацијата

Џек Керуак – поет на Бит генерацијата

На денешен ден, 12 март 1922 година, роден е Џек Керуак, автор на книгата „На пат“, која е еден од најпознатите американски класици и книга која ја дефинираше Бит генерацијата.

852b6b7a-f019-4667-8eb2-f34bcf0238c3

Џек Керуак е роден во Ловел, Масачусетс, САД. Неговата писателска кариера ја почнува во 1940 година, но неговиот вистински литературен успех и пробување го доживува во 1957 година, кога ја објавува неговата најпозната книга „На пат“.

Родителите на Керуак, Лео и Гарбриел биле доселеници во САД од Квебек, Канада и на тој начин Керуак научил француски јазик дома уште пред да научи англиски. Лео Керуак имал сопствена фотокопирница, а мајка му била домаќинка.

tumblr_nih6sgClfh1qhe75po2_500Керуак во својот подоцнежен живот го опишува животот во семејниот ден на следниот начин: „Татко ми доаѓа дома од работа, ја разлабавува својата вратоврска и го соблекува својот елек, потоа седнува и јаде хамбургер и варени компири заедно со дечињата и добрата жена.“

Џек Керуак доживува трагедија во детството, кога во летото 1926 кога неговиот сакан постар брат Џерард починува на 9 години. Давејќи се во тагата и жалењето, семејството Керуак уште повеќе и се посветува на католицизмот. Пишувањето на Керуак е полно со живописни спомени од неговото присуство и одење во црква како дете: „Од отворената врата на црквата, топла и златна светлина се извиваше од снегот, а звукот од оргулата и пеењето можеа да се слушнат.“

Иако Керуак сонувал да стане писател и да ја напише „големата американска новела“, сепак Керуак го видел спортот, а не пишувањето како билет за безбедна иднина. Со доаѓањето на Големата депресија, фамилијата Керуак претрпела финансиски тешкотии и таткото на Керуак се свртел кон алкохолот и коцкањето како начин да избега од проблемите.

Мајка му се вработила во локална фабрика за чевли за да му помогне на семејството, но во 1936 година, рекатата Меримак се излеала од коритото и го поплавила дуќанот на Лео Керуак. По ова, неговата состојба со коцкањето и алкохолот се влошува и неговите постапки прават семејството да западне во тешка сиромаштија.

Керуак кој во тоа време бил ѕвезда на фудбалскиот тим во неговото средно училиште, го видел фудбалот како свој билет за стипендија за факултет која би можела да му помогне да си обезбеди добра и сигурна работа за да ги спаси финансиите на неговата фамилија.

По матурирањето, на 17 години се преселува во Њујорк каде веднаш се воодушевил од бескрајните можности кои му ги нуди животот во голем град. Од сите прекрасни нешта кои ги искусил во Њујорк, највлијателното и најмагичното нешто за него било џез музиката.

Тој го опишал чувството кога поминал покрај џез клуб во Харлем, пишувајќи: „Надвор, на улицата, ненадејната музика која се појавува од клубот те полни со желба за некоја недопирлива радост – и се чувствуваш како да можеш да ја најдеш само во задимените простирии во клубот.“

Тој добил целосна стипендија за фудбал на Универзитетот Колубмија, но претходно морал да оди во подготвителното училиште „Хорејс Ман“ каде и за прв пат почнал сериозно да пишува. Работел и како новинар за весникот на Хорејс Ман и објавил неколку кратки приказни за училишниот весник за литература.

Во 1940 година започнува на факултет во Универзитетот Колумбија како фудбалер и надежен писател. За жал, на еден од првите натпревари ја крши ногата и мора да го помине остатокот од сезоната на клупа. Иако ногата му заздравува, тренерот не му дозволува да игра наредната година и поради тоа Керуак импулсивно решава да го напушти тимот и се отпишува од факултетот.

Откако си заминува од факултетот, извесно време живее во Њујорк со неговата девојка Еди Паркер и во овој период ги запознава луѓето со кои секогаш ќе биде поврзуван, луѓето кои многу често ги вметнува во своите дела, луѓето кои биле дел од таканаречената Бит генерација: Ален Гинсберг, Нил Касиди, Џон Клелон Холмс, Хелберт Хунк и Вилијам с. Буроус.

Во 1943 се приклучува на морнарицата на САД, но издржува само 8 дена пред да биде внесен на листата на болни. Тој самиот велел дека не може да ја издржи морнарицата, едноставно тоа не бил живот кој сакал да го живее, па така бил отпуштен со психијатриска дијагноза.

Најпрвин ја издава „Градот” под името Џек Керуак и иако книгата добила солидни критики, сепак продажбата била слаба. Во наредните 6 години тој континуирано пишува. Во 1951 година, тој ја завршува својата најпозната и најславна книга „На патот“, која имала работни наслови како „Бит генерација“ или „Заминат на пат“.

Иако брзо ја завршува, сепак требало да помине долго време додека да најде издавач кој ќе сака да ја издаде. Издавачите најчесто го добивале затоа што сметале дека неговиот стил на пишување е премногу експериментален и дека покажува сочувствителност кон малцинствата и маргинализираните групи во пост-воена Америка. Многу уредници не сакале да издадат книга која содржела експлицитни описи на употреба на дрога и хомосексуалност. Во 1957 година конечно ја издава книгата, но голем дел од сексуално експлицитните содржини се исфрлени и за неговите ликови става синоними, за да избегне тужби.

Во пролетта 1951 година, неговата втора жена го напушта и поднесува документи за развод додека е бремена од него и му го раѓа единствениот син Јан Керуак, кој Џек не сакал да го признае на почетокот, се додека не се направил тест за татковство 9 години подоцна.

Во текот на неговиот интересен и авантуристички живот, Џек Керуак ги пишува следниве дела: The Subterraneans, Doctor Sax, Tristessa, Desolation Angels, Dharma Bums.

На 20 октомври 1969 година, околу 11 часот наутро, Керуак седел во својата омилена столица, додека пиел виски и ликер, пробувајќи да напише белешки за книгата која ја подготвувал за печатницата на неговиот татко. Одеднаш осетил огромна болка во пределот на стомакот и отишол во тоалет каде почнал да повраќа крв.

Бил пренесен во болница каде продолжил да искашлува крв и морал да прима трансфузија. Требало да му се направи операција за да му се врзат пукнатите вени, но неговиот оштетен џигер ја спречил неговата крв да се згрутчи. Керуак починал наредното утро на 21 октомври 1969 година, воопшто и не се пробудил по операцијата.

Неговата смрт, на 47 години, според извештајот била резултат на внатрешно крвавење предизвикано од цироза, која ја добил заради конзумирањето на големи количества алкохол, заедно со нелечената хернија и тепачката во бар која се случила само неколку недели пред неговата смрт. Тој е закопан во Едсон гробиштата во неговиот роден град.

10 хаику

Шутирајќи ја промашувам
вратата на фрижидерот
која сепак се затвори.

Приквечер.
едно момче со стап
удира по глуварчињата.

Голема, крупна
снегулка
паѓа сосем сама.

Јулска ноќ.
Огромна жаба
пред мојот куќен праг.

Се стемнува –
секретарката си ја
разлабавува марамата.

Самрак. Претемно
да се прочита страницата,
престудено.

Одејќи една зад друга
моите мачки подзастануваат
штом ќе загрми.

Сомот се бори за живот
и победува,
испрскувајќи нè сите.

И денес нема телеграма,
само повеќе паднати
лисја.

Во шкафот за прва помош
зимска мува
умрена од старост.

Превод: Никола Маџиров

Каде си кога ми требаш, Џек Керуак

Над мене ѕвездите треперат
како кварцни снегулки во пештера
осветлена со свеќи
и згаснуваат.
Умот молчи кога сонува,
сè дури голта четири недозирани
мескалински цигари
потем вреска во бои
додека
го брише автопатот
како сина змија ја отфрла старата кожа
и почнува одново.
Налево, надесно, право
во лавиринтот од текила
и куќи од непечени тули,
ме искривуваат мексиканските бензински пумпи,
мензите, и планините што се извишуваат
покрај мене во розово-портокалов обоен
смог на мугра. Колку повеќе го знам
јазикот, толку помалку го познавам животот
и го губам. Асфалтот се претвора
во бисерна плажа, во низа од џет-сет продавници,
крчми, КФЦ и напуштени „тако“
сендвичарници. Акапулко, Мексико пее
кафена колтрејнска песна за бетонот и песокта
намерна дисхармонија, јаснотија
збрката. Бродот за крстарење ја пушта сирената
и колата цела ноќ си свирка deguelo
на целоноќниот mariachi бенд и создава панаѓури
од исончани тела што ме повикуваат кон Росерија.
Нејзиниот јазик ми се разлева врз умот
како топло камасутра масло и забрзувањето
на сончевите зраци ме заробува во сенката.

That old black magic has me in its spell
That old black magic that you weave so well

J’ai L’ai рекети и постери со борби со бикови,
Федералците се толку млади и вечно насмеани,
грејфрут, банани, манго и грозје
мирис на чили во прав се излева
во влажни воздушни акорди со café con leche
и кравја лепешка, сè е реално
дури и ништото што виси
на туристичката табла пред ресторанчето „Роден во песок“
кајшто ја паркирам колата.
Сите овие милји и години ги извозив
за една единствена нејзина порака залепена врз стерилна тапа:
„Мајкл, јави се дома“.
„Сама Бела Жена бара превоз до Баја – има забава”.
„Пронајден е изгубен паричник – празен“.
„Се продава мопед – незначително искривен рам“.

I can’t dance don’t ask me

Што е она што го прави бакнежот последен тој ден
а утредента имаш впечаток
како да си го заборавил шпоретот
и ти изгорел ручекот?

Росерија еднаш ми рече дека само Џек Керуак
ја знае тајната на животот и јас ја прашав
„Но зошто? Гало Порт вино во чаша со очај?“
Таа рече: „Сите човечки битија се вистински ајкули“
и се качи во автобусот свртена со грб,
а плетенките ѝ се нишаа,
црн метроном на ветувањето што крцка
сите овие години на сеќавање и ме враќа
на мексиканската плажа кајшто ја видов за првпат.
Сега мора да е веќе дебела
со четири дечиња околу неа
и повремена модринка од маж ѝ
како доказ на љубовта. Морам да сум луд
што сè уште ја барам божицата
толку човечка и осамена на училишниот распуст.
Морам да сум онаа ајкула на Џек
која јаде сè околу себе
и без престан плива ли плива,
само за да остане жива.

Нешто пораzлично од градот...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top