Home / Живот / СТАВ: За Царевата нова облека или: детето во нас

СТАВ: За Царевата нова облека или: детето во нас

Човек може да прошета многу земји и краишта, да запознае многу култури со различни системи на вредности, неретко дури и дијаметрално спротиставени едни на други. И, колку повеќе различности ќе запознава, толку појасно ќе осознава дека, наспроти сите варијации, некои особини се константно присутни на сите меридијани и напоредници.

inside_by_artofevre-d2kxtwo

Таква е, на пример, гладта за чуда. Да. Светот е гладен за чуда. Не за вистини. Туку – за чуда. Од каде таа глад, се прашувам, и, мора ли вистината да биде чудо за да успееме да ја видиме јасно и неподелено?

Не знам што имал на ум Андерсен кога ја пишувал приказната за царевата нова облека, но јас, додека го пишувам ова, токму таа приказна ја имам на ум. Во таа приказна, луѓето „гледале“, ама не видувале дека царот е гол, сѐ додека едно детенце не извикнало: „Леле!, Царот е гол!“. Можеби некој ќе извлече заклучок дека чудото е голотијата на царот. Погрешно. Чудото во приказната е детето. Без неговата остроумност и без чистата детска радозналост, во приказната немало ништо да се случи, и покрај тоа што царот гол парадирал по градскиот плоштад. Сите ќе аплаудирале и потоа ќе си заминеле дома, трудејќи се што побрзо да го потиснат сознанието дека се глупави и некомпетентни за општествените задачи и положби кои ги имаат заземено. Значи, детето (моралната чистотија) е чудо, а царот е само – чудовишен.

Секако, една приказна, па макар и ако ја раскажал Андерсен, тешко дека може да биде доволен аргумент за извлекување заклучок околу тоа дали вистината мора да е чудо за да биде колективно видлива. Затоа мислата ми замина натаму, по коренот (етимологијата) на поимите „чудо“ и „вистина“.

kk

Се смета дека чудо е збор кој своето потекло го води од санскритот, поточно, Александар Лома (српски класичен филолог, етимолог и ономастичар) заклучува дека: „По секоја прилика, чудо е праиндоевропски збор.“ Валтер Порзиг (германски класичен филолог), пак, ја доведува во врска со старогрчкиот поим kudos, што би ја означувало (кај Хомер) непобедливоста на јунаците која доаѓала како резултат на интервенцијата на боговите.

Значи, поимот „чудо“ е термин кој означува богодопреност, натприродност.

Поимот „в(ист)ина“ означува дека идејата, зборовите се подудираат, т.е исти се со стварноста, независно од набљудувачот (ако е тоа воопшто можно). Зборот има старословенско потекло.

Според овие толкувања на поимите, јасно е од каде потекнува гладта на луѓето за чуда. Таа има ист корен со потребата од вера, односно, оваа глад се јавува како одраз на желбата по некој повисок авторитет кој би го легитимирал, па дури и би го гарантирал животот, или, со други зборови, извира од стравот од смртта.

А, што е со вистината? Зошто е толку тешко зборовите да ја отсликаат стварноста, без оглед на набљудувачот? Зарем не го гледаме сите истиот свет? Оскар Вајлд во врска со ова рекол: „ Човек секојпат е збунет кога треба да зборува во свое лице. Дајте му маска и тој ќе ја каже вистината.“

Имено, исто како што луѓето го „гледале“ но не го видувале царот поради својата суета (секој повеќе сакал да молчи, отколку да биде несоодветен за службата) , така е и при соочување со вистината. Луѓето повеќе сакаат да ја заштитат својата суета, отколку да ја видат вистината. Исклучок е кога вистината е еднаква на чудо (богодопрена), а детето во приказната на Андерсен е чудо поради својата морална чистотија, наспроти суетноста на секој во толпата, т.е на толпата во целост („Најголем во царството е оној којшто ќе стане како ова дете“- Ев. по Матеј, 18.1-35).

0d0ce0b5b617205f620f4c093ad1a79f

На овој степен од развојот на единките и општеството, вистината е еднаква на чудо, поточно, треба да биде доживеана како чудо за да биде прифатена.

Од друга страна, мижењето пред вистината дозволува чудовишност. Царот, во својот чудовишен вид, им прошетал пред носот на своите поданици, а толпата, место да го исмее, го поздравувала и му се восхитувала!

Приказната на Андерсен не е само приказна. Таа е чудо (вистина); нема кој од нас не ја сфаќа и не ја одобрува моралната порака вградена во неа. Како се случува ваквото чудо? Едноставно.

Имено, читателот, во допир со приказна, а приказните им се наменети на децата, ја вклучува својата чиста радозналост (својствена за децата), со цел единствено да дознае што се случило натаму, а ја исклучува суетата бидејќи не чувствува потреба истата да ја брани. Во тоа е магијата на приказните. Тие се чудо – го будат детето во секој од нас.

Останува уште да се најде одговор како да успееме детето во нас да го одржиме будно и слободно за светот да не се претвори во дефиле на чудовишта.

Пишува: Жаклина Свеќаровска
Нешто пораzлично од градот...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top