Home / Uncategorized / ЈАЗИЧНА ИГЛА: За евтиното и поддршката

ЈАЗИЧНА ИГЛА: За евтиното и поддршката

Интернетот како медиум, секако значително повеќе од другите медиуми, е она место каде што говорот, пишаниот говор, се чини, доживува најголемо унижување во вид на пренебрегнување на правописот.

shutterstock_62213497

Ако се има предвид дека мнозинството луѓе токму овде – со овој медиум – поминуваат најмногу време, а не со весници, телевизија или книги, јасно е тогаш дека правописната небрежност има повратен ефект: читајќи одредени текстови, реклами и слично, корисниците на интернетот ги усвојуваат, во својот пишан говор, сите оние грешки на кои наидуваат преку секојдневното, честопати повеќечасовно, користење на овој медиум.

На оној страничен ѕид на социјалните мрежи можат да се прочитаат многу реклами, огласи, понуди итн. На пример: “Пушете ефтино и здраво.“ Случај кога правилното евтино станало – „ефтино.“

Македонскиот правопис е заснован врз фонетски принцип, тоа значи дека во најголем број случаи зборуваме онака како што пишуваме. Само во случаите кога не се обележува обезвучувањето на звучните согласки на крајот од зборовите, потоа кога не се обележува едначењето по звучност, само во таквите случаи имаме отстапување од тој фонетски принцип.

Internet Marketing

Во практиката, на пример, ние вршиме едначење по звучност при зборувањето во зборот евтино, односно изговараме -ф, но пишуваме -в. Тоа е еден од случаите кога во говорот се врши едначење по звучност, но тоа не се обележува при пишувањето. Пак на оној страничен ѕид, сега друга реклама: “Марко и Бојана. Со е-цигарите лесно се откажуваме од пушење, а и многу поефтини се.“ И во овој случај пак истата грешка: ф на местото на в. И тоа ф некако спонтано, тивко, речиси невидено полека го заменува и истиснува правилното в, што може да се види од многубројните реклами, огласи и сл. Во една друга реклама, овој пат реклама за заработување пари, читаме: “Бесплатна подршка на македонски, ваше е само да правите пари.“ Случај кога наместо правилното поддршка имаме – „подршка.“

Во нашиот јазик честопати доаѓаат во допир две исти согласки, струјни или експлозивни – сеедно. Зборот поддршка е еден од таквите во кој имаме удвојување на експлозивната согласка т. И изговорот на тој збор, се разбира, има призвук на мала експлозија!

Интернет медиумот е не помалку сериозен медиум од останатите. Затоа е добро приватните фирми, претпријатијата и сите останати кои нешто рекламираат или огласуваат – да посветат мало, сосема мало внимание на правописот, што автоматски ќе значи и нивен поголем деловен углед.

About Aco Gogov

Ацо Гогов е роден во втората половина на дваесеттиот век во месецот студен во Струмица (некогашен Астраион), каде небото е исто што и отворена книга. Дипломирал на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје. Автор е на две прозни книги. Објавува студии и есеи во периодиката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top