Home / Активизам / КОЛУМНА: Каде се умовите на градот?

КОЛУМНА: Каде се умовите на градот?

Зарем сите умови заминаа од градот, од државата? Зарем никој ја нема потребата да прочита мислење на некој човек од градот на еден од нашите локални портали, или, пак, нема никој што има што да каже, да сподели? Ја имаме ли потребата да ги отвориме умовите на луѓето, да ги мотивираме да го живеат својот сон, да ја покажеме убавината на светот и неговите луѓе, да ги рушиме предрасудите за расите, културата, религијата и непознатите места?

140527154750-large

Веќе подолго време размислувам на оваа тема и денес решив малку да елаборирам. Струмица како град постојано се шири, народот наликува на оној што можете да го сретнете по големите светски метрополи, следиме трендови, се облекуваме убаво, комуницираме, се забавуваме… И сето тоа е убаво и би било целосно во ред доколку меѓу нас би имало и такви што би споделувале текстови на најразлични теми. Минатата година направив серија од 12 колумни, по една за секој месец, кои беа објавувани на порталот strumicacity и со кои се обидував да мотивирам барем некој од нашите сограѓани да започне со истиот предизвик, во неколку наврати и директно повикував дека би било убаво кога би говореле јавно за сите оние работи што нѐ опкружуваат или за проблемите со кои се соочуваме. Со тоа ќе ги покажеме сите лоши работи и неправди што ни се случуваат во средината во која живееме или, пак, уште подобро, би можеле да пишуваме за поубави работи со што би создале тло што ќе генерира позитивна енергија на оние што нè следат, промовирајќи мир и соживот. Но, ништо од тоа? И по неколку години на енормно зголемување на процентот на корисници на интернет, не се појави „јунак“ што ќе го започне ова дигитално патување!

agtfwaac

Дали секој оној што помислил да пишува на подолго и широко мисли дека тоа треба да биде текст за политика? Или, пак, каков било текст би имал политичка конотација? Па и да има, иако ако ја согледам мојата страна и порив, би можел да кажам дека политиката е онаа што создава омраза и себичност меѓу луѓето, па поради тоа таа никогаш не била моја главна тема или преокупација, иако на моменти сакала да се проткае во некои од писанијата на овој или оној начин. Дали навистина ни се случува одлив на умовите во градот? Дали живееме во состојба што можеме да ја дефинираме како алармантна и застрашувачка? Во периодиката се среќавале луѓе што имале обиди во пишување најразлични статии, колумни, но сега тоа е реткост, ако може да се каже реткост, затоа што сепак никој во градот не пишува, нема струмички блогери, нема колумнисти, има само квази-новинари што фотодокументираат настани и медиуми чија програма се сведува на народна и забавна музика, огласи и основни информации за настани. Нема подетални анализи и прегледи на конкретни теми, нема разговори, сето тоа е сведено на егзистенцијално ниво, кое е невидливо. Зарем процесот на образование не роди некаков квалитет во овој аспект или сѐ е brain drain, одронување, целосно исчезнување?

Како во демографска, така и во општествена и културна смисла на состојбата за која зборувам, треба да станеме свесни дека самата потреба за размена на различни ставови во градот би ги променила и нашите очекувања, а би се променил и понатамошниот развој од интелектуален аспект. Дали нешто треба да биде популарно, да биде модерно, за да биде практикувано? Сака некој да каже нешто за оваа тема? Испратете ми mail, ќе го објавиме вашето мислење, мене како online читател ќе ми значи!

640_brain

Филозофијата на умот е прекрасна гранка на филозофијата која ја проучува природата на умот, менталните активности, менталните функции, менталните особини, свеста и нивната поврзаност со физичкото тело, особено со мозокот. Доколку имаме пристап до вашите мислења и гледни точки, можеби би станале сите подобри, како граѓани, како проактивни жители на едно општество. Ако градот има повеќе умови и другите би биле мотивирани да го направат истото, да го споделат она што им лежи или тежи, сеедно. Дали владее страв меѓу луѓето, страв што преминал во конформизам или е само летаргичност, незаинтересираност, немање потреба да се изрази одреден став? Дали воопшто луѓето во градот имаат различно мислење или владее едноумието што ни се пласира секојдневно?

Можеби оние што имаат развиено вештини за пишување сепак не пишуваат за други теми поради тоа што не можат да пишуваат за темата што ги загрижува, за областа што им лежи заглавена како трн во грлото, но сепак, кренатиот глас секогаш бил најважното оружје што ги променувало состојбите од полошо на подобро. Што нѐ мачи, а што нѐ исполнува? Што е она што вреди да се потенцира, а што да се одмине како неважно?

digital-mags1

Историчарите не пишуваат оти ни се пласира лажна историја? Спортистите не пишуваат оти немаме спорт во градот?! Политичарите не пишуваат колумни затоа што нема политичари? Дали сме сите паметни само на маса? Ова стана една од најпрактикуваните дисциплини во државата, секој соли памет само вербално, секој знае сѐ само делумно, проѕирно знаење, недоволна поткованост или целосна инфериорност во поглед на она што нѐ опкружува, што ни го ангажира умот. Каде се умовите во градот? Зарем навистина исчезнаа или се скриени под маската на механичкото завршување на дневните обврски? Зарем се давиме во суетност и проста магла кога знаеме дека Лоренс Кларк Пауел кажал: Пишувај за да бидеш разбран, зборувај за да бидеш слушнат и читај за да пораснеш!

Ни се случува ли демагогија на паланката и дали сѐ се сведува на празна реторика? Со недостатокот на умови создаваме слика за градот исполнета со квази-интелектуалци или, уште полошо, со луѓе што поминале низ процесот на пластично, непотковано образование. Задолжително мора да се појават „јунаци“ во просторот што ќе партиципараат во општеството токму со нивните ставови, анализи, теории, конкретни предлози и споделување на нивното стекнато искуство. Ние самите сме си ограничувањето за кое зборуваме, ние самите сме препреките што си ги создаваме. Граѓаните се гушат, а никој не сака да провери со каков квалитет располагаме, не треба да бидеме чудотворци, ама не смееме да бидеме и лековерни недоискажани виновници.

Силата е во нас, знаењето има граници, но незнаењето ги нема. Малото знаење ги прави луѓето арогантни, а големото знаење одмерени. Границите на нашиот јазик се граници на нашиот светоглед.

До следното читање поздрав и се надевам дека градот наскоро ќе покаже дека освен душа има и мозок!

About admin

Митко Гогов aka kihuPotru - концептуален уметник, поет и граѓански активист. Уредник и автор @reper.net.mk @think.mk & @zenica.mk, претседател на Здружението Контекст.   Блогер, отворен за соработка #culture #art #media [fb] [twitter] [LinkedIn]

One comment

  1. Анонимен со причина

    Не секој е талентиран да биде колумнист или блогер, сепак си во право дека треба да се споделуваат мислења, анализи и ставови за секакви теми па дури и за политика. Тло за таква дебата има секако на социјалните мрежи како ФБ, што за жал ретко се користи, или во случаи кога некој има да каже нешто, му се бришат коментари претежно од страна на авторот на „темата“ (статусот од фб). Тогаш кога станува збор за политика, обично се бранат политичките (да не кажам клубски) бои на партиите, и се напаѓа противникот наместо реално да се согледа одредена ситуација и да се изнесе одреден став кој е поткрепен со аргументи. Став кој би требало да влијае за доброто на сите (како граѓани, и како што е наведено погоре во колумната, за интелектуална надградба на секој поединец). Па на тоа да следува еквивалентна реплика, контра реплика и тн. Наместо тоа, или се игнорираат проблемите, или се решаваат по пат на малограѓанштина и мерење на „таквото“ исклучиво преку интернет.

    22 годишен Струмичанец, потенцијален блогер, сеуште во образовниот процес и со желба за понатамошна едукација на секое поле

Leave a Reply to Анонимен со причина Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top